АХВ со вонредни контроли пред Велигден, уништени 1.230 килограми небезбедна храна
April 14, 2025

Скопје, 14. април 2025 (ИНПРЕС) – Официјалните ветеринари и инспекторите за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведуваат вонредни засилени контроли пред велигденските празници.

Во рамки на спроведените 350 надзори на операторите со цел спречување на пласирање на небезбедна храна и нелегална трговија со јајца, бои за јајца, како небезбедни уништени се 1230 килограми различни видови производи, најмногу месо, преработки и подготовки од месо, но и јајца, бои, мед, ракија, маслиново масло и други призводи.

За утврдените недоследности со вонредните контроли изречени се казни во висина од 3 650 евра во денарска противвредност и издадени се 22 решенија со наредби за нивно отстранување.

Во услови на зголемена побарувачка на храна пред претстојните празници, од агенцијата апелираат до граѓаните да бидат одговорни потрошувачи и да пазарат само од одобрени/регистрирани оператори за храна кои се под контрола на инспекциските служби на агенцијата. Да се внимава на декларациите на производите, нивното означување и рокот на употреба и температурниот режим на чување, особено на леснорасипливите, бидејќи во спротивно тие може да бидат небезбедни за граѓаните.

Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, граѓаните да ја пријават во агенцијата, лично, телефонски на бесплатниот телефонски број 0800 3 22 22, или електронски на info@fva.gov.mk. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива