Охрид, 29. април 2025 (ИНПРЕС) – Нивото на водата во Охридското Езеро продолжува да расте, но и понатаму е под просекот за овој период од годината.
Според денешните мерења на УХМР водостојот е на кота од 693,37 м.н.в што е за 20 сантиметри под просекот за овој месец (693,57 м.н.в) и 27 сантиметри над минимално дозволената кота (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода, измерена утрово е 13,5 степени и е за 3,2 степени повисока од просечната.
Последнава седмица езерското ниво е покачено за 5, додека пак од почетокот за месецов за 11 сантиметри.
Со надеж дека одговорните ќе преземат соодветни мерки и нема да ни се случи „Преспанизација“ на Охридското Езеро, на OhridPress продолжува рубриката „До кај сме“ каде секој ден објавуваме по една фотографија од истата локација од процесот на претворање на охридското „Островче“ во полуостров.
Во Охрид денес сончево време со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец. Максималната температура ќе се искачи до 19. степени.
– Следува период на сончево и потопло време со мала до умерена облачност и со умерен северен ветер. Утре и во среда утринските температури ќе бидат пониски, а дневните ќе бидат во постепен пораст, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес/УХМР