Скопје, 20. август 2025 (ИНПРЕС) – Во сабота започнува увидот во Избирачкиот список, а во пресрет на локалните избори закажани за 19-ти октомври.
Ќе трае 20 дена, односно до 11-ти септември на полноќ, а заклучениот список ќе биде потпишан од Државната изборна комисија (ДИК) најдоцна до 3-ти октомври.
Граѓаните ќе имаат можност да ги проверат своите податоци и да поднесат барање за запишување, дополнување или нивно бришење. Барањата се поднесуваат писмено до подрачните одделенија или месните канцеларии на ДИК, како и по електронска пошта. Со барањето, задолжително треба да се приложат и потребните докази.
Можност за увид во списокот имаат и лицата во притвор и затвор, кои своите барања ги поднесуваат преку надлежниот орган за извршување на санкциите до ДИК.
ДИК по барањата и пријавите на граѓаните е должна да одлучи со решение во рок од 24 часа од денот на приемот на барањето. Против решението со кое се одбива барањето, граѓанинот во рок од 24 часа од приемот на решението може да поднесе тужба до Управниот суд по електронски пат. По тужба, Управниот суд решава во рок од 24 часа и одлуката веднаш му ja доставува на тужителот по електронски пат. Правосилното решение на Управниот суд донесено по тужбата за запишување, промена и бришење е составен дел на потпишаниот Избирачки список од страна на ДИК.
И политичките партии имаат рок до 11-ти септември да достават барање до ДИК за добивање на избирачкиот список. По приемот на списокот, кое треба да биде најдоцна до 14 септември, тие имаат пет дена да поднесат барање за промени.
Министерството за внатрешни работи (МВР), еден ден по завршување на увидот, доставува списоци на лица кои поднеле барање за нова лична карта, како и на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите. Податоци се доставуваат и од други институции, како што се органите за извршување на санкции, Министерството за социјална политика и судовите, со цел ажурирање на списокот.
Конечниот Избирачки список ќе биде заклучен најдоцна на 26-ти септември, а потпишан на 3-ти октомври. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
