Охрид, 23. април 2025 (ИНПРЕС) – Поранешни колеги, соработници пријатели оддадоа почит на истакнатиот охридски новинар и публицист Илче Стојаноски на комеморацијата што се одржа во Општина Охрид.
Илче припаѓа на генерацијата новинари кои оставија голема трага во охридското и македонското новинарство и се вградија во колективната меморија заедно со неговиот препознатлив начин на работа, рече Горан Момироски, координатор на ЗНМ за Охрид и Струга.
– Целиот професионален работен век тој го помина во Центарот за печат и радио Охрид каде почна да работи во 1977 година како надворешен соработник, новинар, а од 1979 година е во редовен работен однос во радиото каде извршувал повеќе фунции. Бил главен и одговорен уредник, директор, а по завршувањето на мандатот работи како новинар. Работи на препознатливи емисии во тоа време, „Во сабота со Вас“, „Радио берза“, а се занимаваше и со истражувачка дејност реализирајќи ја емисијата „Охрид во моите спомени“, при што се снимени и емитувани над 100 вакви документарни емисии, подоцна повод за објавување на две истоимени книги од четирите.
Последната негова книга е издадена во 2014 година, а последниот труд е издавањето на ДВД „Охрид во моите спомени“, истакна Момироски.
Неговиот колега од Радио Охрид соработник и личен пријател Димитар Смилески со солзи во очите и треперлив глас се потсети на времињата поминати со Стојаноски.Со заминувањето на Илче губиме уште еден наш познат граѓанин, интелектуалец, новинар од јатото на Радио Охрид, рече Смилески.
– Ја имав таа чест со него да соработувам подолго време, беше мошне работлив, амбициозен и солиден соработник кој одговорно ја вршеше својата задача. Остави мошне вредни записи за минатото на Охрид, преку снимените материјали на магнетофонска лента кои потоа ги стави на хартија. Од тоа произлегоа и неколку книги кои Илче ги осави како незаборав во меморијата на охриѓани и за генерациите кои допрва доаѓаат.
Илче Стојаноски своите записи ги пренесува во оригинална форма, на охридски дијалект, онака како што кажуваат неговите соговорници.
Со издавањето на двете книги „Кажвиме да не се заборајт“ Илче оживеа многу ликови, многу настани и судбини, ги оттргна од заборавот и ги предаде на читачката публика.
Во потрага по бурното минато на Охрид Илче Стојаноски ја издаде книгата „Охридски вистини, случаи, приказни и факти од минатото“, а последното негово издание е во електронска форма.
Скоро сите овие негови творби се слеваат кон едан цел – духовното и културното богатство на еден град како што е Охрид, додаде Смилески.
Илче Стојаноски беше активен и како пензионер, на најумесен начин продолжи да го промовира Охрид преку Фејсбук страницата „Охрид,Охрид убав мил“ чиј креатор и администратор меѓу другите беше и тој.
За својот труд има добиено голем број награди и признанија меѓу кои и наградата на Здружението на новинарите на Македонија во 1999 година, прво место за документарната емисија „Афродита охридска“ како и наградата Гран При. Најдрага му беше Повелбата „Свети Климент Охридски“ во 2007 година. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес