Охрид, 4. јули 2025 (ИНПРЕС) – Вечерва на сцената „Долни сарај“ свечено ќе биде отворен 64. Балкански фестивал на народни песни и игри, најстарата фолклорна манифестација на Балканот на која се афирмираат културните достоинства на народите.
По традиција фестивалот го отвора ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“, а пред нив со своја програма ќе се претстават и членовите на КУД „Гердан од Бисери“ од Охрид.
Во наредните фестивалски денови ќе следуваат настапи на културно-уметнчки друштва од Србија, Бугарија, од Мелбурн, Австралија, како и од неколку македонски градови.

Како новитет во програмата на Балканскиот фестивал, во понеделник, 7-ми јули, ќе се одржи етно-концерт на Митан и нашата позната Андријана Јаневска со преработки на традиционални македонски народни песни.
Вечерва и наредните два дена фестивалското дефиле на ансамблите ќе започнува од 19:00 часот пред Центарот за култура „Григор Прличев”, а настапите на „Долни сарај“ од 20:30 часот. Влезниот билет чини 300 денари. Во понеделник во 20:00 часот ќе биде отворена изложба, по што од 21:00 часот ќе следи етно концертот, за кој влезот ќе биде слободен. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
