Охрид, 14. август 2025 (ИНПРЕС) – Во текот на денов или најдоцна утре ќе биде пуштена во функција клучката Подмоље на автопатот Кичево – Охрид, изјави директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски по денешниот увид во градежните работи.
Додаде дека со ова ќе се подобри протокот на возилата и ќе се зголеми безбедноста бидејќи досега имаше многу вкрстувања на взоилата на долниот дел од патот.
– Од Климештани до Охрид активно се работи скоро на секој метар, има многу механизација, изведувачи и подизведувачи, сите сплотени за да може оваа делница да ја пуштиме што поскоро. Се работи натпатник Св Еразмо почна да се асфалтира, потоа подмоље натпатник, почна бетонски греди да се бетонираат. Се работи на пристапни патишта на Подмоље, Орвник и Горенци, без нив овој пат нема да се пушти. Тие ќе се вклучуваат и исклучуваат на клучката кај Аеродромот.

Најави дека во скоро време левата лента од Климештани до Охрид ќе биде целосно затворена со асфалт бетон и ќе може да се вози по неа. Потенцира дека се работи на еластичната ограда на средишниот и страничните делови, потоа на дислокација на каблите на лева и десна страна, на жичаната ограда сѐ со цел овој пат да биде направен што побрзо.
Министерот за транспорт Александар Николоски истакна дека клучката Подмоље била еден од наследените проблеми од минатото.

– Клучката со години беше срушена без можност наново да биде изградена. Сега ова се реши, решени се имотно правните односи и сите останати админ работи. Имаме добар напредок. Приоритет е завршување на пристапните патишта од Климештани до Охрид. Овој пат беше испроектиран без ниту еден излез и беше пат на кој не беше превиден ни еден потпатник, а сега има 16. вели Николоски. Потенцира дека со натпатници и влезови се рашаваат сите села и дека нема да има село или населено место од овој потег кое нема да е споено директно на автопат или со пристапен пат до најблиската точка каде може да се приклучи.
Премиерот Христијан Мицкоски по увидот нагласи дека на деловите од автопатот каде има свлечишта се работат проекти за стабилизирање на земјиштето, за да може цела траса да биде пуштена и завршена.

– Неколку километри кај Ботун и оние километри што го поврзуваат тунелот кај Врбјани со Кичево, очекувам и тоа да се заврши и од есен да се работи и на стабилизација на тоа земјиште, вели Мицкоски.
Надлежните по увидот во градежните работи повторија дека ќе биде испочитуван најавениот рок за завршување на авопатот, а тоа е крајот на 2026 година. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
