Skip to content
Inpress

Inpress

Брзо, Точно, Проверено

  • Дома
  • ВЕСТИ
    • Култура
    • Репортажа
  • СВЕТ
    • Балкан
    • Македонија
    • Охрид
    • Струга
  • ХРОНИКА
  • ЕКОНОМИЈА
  • ЛОКАЛНА САМОУПРАВА
  • СПОРТ
  • ЗАБАВА
  • ЗДРАВЈЕ
  • Home
  • Вести
  • Алачкоска за InPress и Супер радио: Преку цртежите успевам да забележам многу повеќе детали што обично остануваат незабележани

Алачкоска за InPress и Супер радио: Преку цртежите успевам да забележам многу повеќе детали што обично остануваат незабележани

1 min read
Алачкоска за InPress и Супер радио: Преку цртежите успевам да забележам многу повеќе детали што обично остануваат незабележани

Охрид, 22. мај 2026 (ИНПРЕС) – Младата и надежна охриѓанка Стефанија Алачкоска црта од најрана возраст, сега е матурантка, а наскоро ќе ја одржи и својата прва самостојна изложба.

Во своите дела црта на различни теми, а најголемиот дел се пејзажи. Вели дека инспирацијата црпи од секојдневниот живот и убавините што нè опкружуваат, најмногу ужива да работи со акрилна техника, а се восхитува на делата на Леонардо Да Винчи.

Со Алачкоска разговаравме околу деталите за претстојната изложба, кој сé има нејзини дела, плановите за во иснина како и порака за младите кои сакаат да се занимаваат со уметност.

InPress: Кога првпат почувствува дека сакаш да црташ и сликаш? Дали имаше некој момент или личност што те охрабри?

Алачкоска: Првпат почувствував дека сакам да цртам уште од најрана возраст, околу петтата година, кога започнав да одам на училиште. Мојата одделенска наставничка, Виолета Петковска, често нè пријавуваше на различни проекти и конкурси за цртање, што сметам дека имаше големо влијание врз мојата љубов кон уметноста и развивањето на мојата креативност. Уште во основното училиште учествував на многу проекти и натпревари. Најголема поддршка низ целиот мој развој ми беше моето семејство. Во секој момент беа покрај мене како морална, емоционална и финансиска поддршка, за што сум неизмерно благодарна. Исто така, голема поддршка добив и од мојата професорка Маја Цветанова, која постојано ме охрабруваше да продолжам понатаму и да верувам во својот талент.

InPress: Што најчесто црташ, што е инспирација за твоите дела?

Алачкоска: Цртам на најразлични теми – пејзажи, ликови, луѓе, предмети, икони, архитектонски објекти и слично. Сепак, најголемиот дел од моите дела се пејзажи. Мојата инспирација доаѓа од секојдневниот живот и од убавините што нè опкружуваат, а на кои често не обрнуваме доволно внимание. Во сè гледам некаква посебна убавина, а преку цртежите успевам да забележам многу повеќе детали што обично остануваат незабележани. Уметноста ми помогна и повеќе да ја сфатам важноста на боите, формите и нивното влијание врз нашето секојдневие.

InPress: Со која техника најмногу сакаш да сликаш?

Алачкоска: Најмногу сакам да работам со акрилна техника. Таа е многу предизвикувачка бидејќи бара постојана работа, усовршување, комбинирање на бои и внимание на секој детал. Често ѝ посветувам многу време бидејќи постои посебен начин на нанесување и комбинирање на боите за тие да дојдат до својот целосен израз. Сепак, верувам дека секое ново дело носи ново искуство, поголем напредок и дополнително уметничко усовршување.

InPress: Кој сè има твои дела, каде може да се видат и како може да те исконтактираат заинтересираните?

Алачкоска: Дел од моите дела се наоѓаат кај пријатели кои ги добиле како подарок, а дел кај луѓе кои ги нарачале. Исто така, мои дела имаат и повеќе роднини и познаници. Поголем дел од делата со мотиви од Охрид, исто така, портретот на градоначалникот Кирил Пецаков, изработени по нарачка на општината, се наоѓаат таму, а дел се подарени на гости од општината. Иконата „Св. Климент Охридски“ (2025) е подарена на градоначалникот на Веспрем, Унгарија, од страна на општината. Делото со мотив од Канео е подарено на градоначалникот на Охрид како благодарност од клубот ФК „Св. Троица – 2021“. Заинтересираните можат слободно да ме контактираат преку мојот Instagram профил за цртежи, каде што ја објавувам мојата работа и понатамошен развој: @_as.drawings_

InPress: Дали имаш уметнички идол?

Алачкоска: Да. Отсекогаш сум им се восхитувала на делата на Leonardo da Vinci, кого го сметам за еден од најголемите уметници на сите времиња. Преку мојата проектна задача за матура имав можност подетално да го истражувам неговиот живот и творештво. Во рамки на таа задача истражував и за многу други уметници и дела, но неговите оставија најсилен впечаток врз мене. Во нив ја препознавам таа посебна нежност, длабочина и уникатен начин на гледање на светот.

InPress: За 12 јуни е закажана твојата прва самостојна изложба насловена „Огледало на Охрид“. Колку дела ќе бидат изложени, што ќе можат да видат присутните, дали можеби и ќе може да купат?

Алачкоска: Така е, мојата прва самостојна изложба, насловена „Огледало на Охрид“, е закажана за 12 јуни 2026 година. Планирано е да бидат изложени околу 20 дела, иако точниот број сè уште не е конечно утврден. Посетителите ќе можат да видат дела со мотиви од Охрид – пејзажи, икони, како и неколку цртежи од различни тематики. Изложбата пред сè е замислена како простор за претставување и доживување на уметноста, но секако сум отворена за контакт, идни соработки и можни нарачки.

InPress: Ти си матурантка, па кои се твоите планови за во иднина?

Алачкоска: Моите планови за во иднина се да продолжам со уметноста и своето образование да го насочам кон таа област, преку студии во Словенија. Сакам да бидам во средина каде што ќе можам креативно да се изразувам и дополнително да се развивам како личност и уметник. Сметам дека изборот на професија е многу важен, бидејќи тоа влијае врз околината во која ќе се движиме, луѓето со кои ќе комуницираме и вредностите што ќе ги градиме. Работата треба да биде нешто повеќе од обврска – таа треба да биде повисока цел.Верувам дека треба да го правиме она во кое сме најдобри, но најважно од сè е преку тоа да предизвикаме чувство кај луѓето. Затоа што луѓето не паметат само производи и услуги, туку емоции и впечаток.

InPress: Што би им порачала на младите кои сакаат да се занимаваат со уметност?

Алачкоска: Не само на младите кои сакаат да се занимаваат со уметност, туку на сите млади би им порачала да го слушаат своето срце и да веруваат дека сè е можно.

Верувам дека ако нешто доволно силно посакуваме и работиме посветено за тоа, сонот може да стане реалност. Затоа, одете по своите соништа, бидете упорни и не се откажувајте од она што навистина ве исполнува. На сите им посакувам многу среќа, храброст и успех на патот кон нивните цели.

За крај, сакам да изразам голема благодарност до сите кои ми беа безрезервна поддршка во текот на мојот развој и до сите кои помогнаа моите соништа да станат реалност. Благодарна сум и на оние кои беа покрај мене од самиот почеток, но и на оние кои ми дадоа поддршка подоцна. Понекогаш е доволен само еден збор, едно охрабрување или едно верување во некого за да се продолжи понатаму. (Крај)

извор: ИнПрес фото: Стефанија Алачкоска

Post navigation

Previous Пајак има нов хит заедно со Јован Јованов и Елвир Мекиќ насловен „Делириум“

Слични вести

Пајак има нов хит заедно со Јован Јованов и Елвир Мекиќ насловен „Делириум“ Пајак има нов хит заедно со Јован Јованов и Елвир Мекиќ насловен „Делириум“
1 min read

Пајак има нов хит заедно со Јован Јованов и Елвир Мекиќ насловен „Делириум“

Охридскиот гимназијалец Мартин Мацкоски со награда на ДАФ 2026 за улогата во претставата „Перфектни странци“ Охридскиот гимназијалец Мартин Мацкоски со награда на ДАФ 2026 за улогата во претставата „Перфектни странци“
1 min read

Охридскиот гимназијалец Мартин Мацкоски со награда на ДАФ 2026 за улогата во претставата „Перфектни странци“

Отворен ден во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ Отворен ден во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“

Отворен ден во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“

Copyright © All rights reserved. | DarkNews by AF themes.