Апликацијата TrashPinger за детекција на отпад и пријавување диви депонии достапна на Play Store
February 6, 2025

Охрид, 6. февруари 2025 (ИНПРЕС) – Апликацијата TrashPinger, креирана од средношколци од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид, прва за пријавување диви депонии, достапна на Play Store.

– Со ова, нашиот ангажман во програмата UPSHIFT што ја реализираше здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) во рамки на проектот „UPSHIFT-ers for air quality“ спроведуван од УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Шведска и Фондот за иновации и технолошки развој на Македонија е завршен во целост. Сега ни преостанува да ја користиме апликацијата, да маркираме отпад и да организираме еко-акции. Споделувајте и маркирајте за почист Охрид! Заедно сме посилни, порачуваат од тимот на TrashPinger.

Средношколци од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид во 2023 година ја креираа првата апликација за пријавување диви депонии. Велат целта е подигнување и промовирање на еколошката свест, но и помош на комуналната служба.

Компанијата „GreenForce“ составена од учениците Ана Спироска, Ана Атанасовска, Дарко Крлески, Климент Маријаноски, Александар Спасеновски под менторство на професорката Ирена Ралева Најдевска ја претставија својата апликација TrashPinger на шестиот Државен натпревар за ученички компании, одржан во Струга.

Во интервјуто за Супер радио и InPress од тимот потенцираа дека главната цел е да се подигне свеста кај граѓаните, а потоа и да се помогне на комуналната служба. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива