August 17, 2016

Белград, 17. август 2016 (ИНПРЕС) – Српскиот премиер Александар Вучиќ порача дека очекува голема поддршка од САД за зачувување на мирот и стабилноста во регионот, без што нема подобар живот за граѓаните и економски напредок.

– Судири се случуваат многу лесно. Доволна е една искра и сите да влеземе во хаос. Мора да посветиме повеќе енергија за зачувување на мирот и стабилизација, а му се заблагодарувам на Бајден за поддршката, истакна Вучиќ.

Тој им се заблагодари на САД и за поддршката на европскиот пат на Србија, нагласувајќи дека земјата ќе се потруди да ги исполни сите нејзини обврски.

Бајден истакна дека обединет и мирен регион на Западен Балкан е исклучително важен за цела Европа.

– Србија претставува клучен политички и економски камен-темелник за целиот регион, а лидерството на Србија е многу важно за овој дел од Европа, порача американскиот потпретседател.

Американскиот потпретседател Џо Бајден на заедничката прес-конференција со српскиот премиер Александар Вучиќ им изрази сочувство на сите семејства кои ги загубиле своите најблиски во НАТО бомбардирањата.

– САД и Србија, секако не се согласуваат околу сите прашања, има многу лузни и рани кои постојат уште од 90-те години, но се надевам дека ќе преземеме чекори и тоа ќе го направат други, нови генерации, а целиот регион ќе забележи економски раст, истакна Бајден.

Тој нагласи дека сите земји во регионот треба преземат чекори за решавање на работите кои се погрешно направени во минатото. (Крај)

извор: Утрински фото: архива