Сараево, 2.јули 2015 (ИНПРЕС) – Во 1990-тите нешто се случи во централна Босна и Херцеговина што ги инспирира луѓето до ден денес, и помага да се објасни зошто оваа држава денес има повеќе мажи кои се борат во Сирија и Ирак (повеќе од 300), како дел од нејзината вкупна популација, отколку остатокот од Европа.
Формирањето на „Муџахединскиот баталјон“ во 1992 година, составен претежно од волонтери од арапските земји во централна Босна, беше пресвртна точка. Денес, динамиката на џихадот е вратена наназад, и токму Босанците се тие кои патуваат во арапските земји.
„Има војна помеѓу Западот и Исламот“, вели Аимен Деан, кој како млад волонтер од Саудиска Арабија патувал во Босна за да се бори во 1994 година.
„Босна им го даде тој наратив на современите џихадистички движења. Босна е колевката“.
Огнена борба со Обединетите нации
Конвенционалната мудрост вели дека битката против окупацијата на Советскиот сојуз во Авганистан во 1980-тите е она што го создаде современото мислење за џихадот или „светата војна“. Аимен Деан вели дека Западот и Салафистите (почитувачи на строга форма на исламот кои го почитуваат средовековното уредување) биле на истата страна во Авганистан, но станале непријатели во Босна.
На почетокот, во 1992, имале само дваесетина милитанти кои сакале да ги бранат своите соверници во Босна, со оглед на тоа што српските паравоени формации ги бркале од нивните домови на западниот и источниот дел од земјата. Но, во почетокот на 1993, кога започнала тројната битка против католичките Хрвати и Србите, Муџахединскиот баталјон пораснал на стотици и започнал да „лови неверници“ поактивно.
Откако хрватските милиции масакрирале околу 120 Босанци во Ахмиќи во април 1993, муџахедините биле вмешани во бројни репризи на истите злостори. Во манастирот Гуча Гора, два месеци подоцна, избркале околу 200 Хрвати од нивните домови, кои подоцна биле евакуирани од Британските трупи на ОН. Потоа влегле во капелата, уништувајќи ја религиозната уметност во неа, и снимувајќи се додека го прават тоа дело.
Британските трупи се бореле против Муџахединскиот баталјон во Гуча Гора и на други места во летото 1993, со што започнале и првите престрелки на армијата против џихадизмот. Воган Кент-Пејн, тогашен мајор во команда на група британски трупи кои учествувале во тие битки, вели дека странските борци биле „многу поагресивни“ од локалните Босански трупи, често отворајќи оган на белите возила на ОН.
Во блиското гратче Травник, каде што пред војната живееле подеднаков број на муслимани, Хрвати и Срби, странците помогнале да се избркаат илјадници жители, и се обиделе да го применат шеријатското право на оние кои преостанале. Киднапирале и неколкумина локални христијани, и обезглавиле еден, Драган Поповиќ, по што ги присилувале другите заробеници да ја бакнуваат неговата отсечена глава.
И прават лошо, а не услуга на Босна
Случајот Поповиќ по долги години стигна пред суд, така што фактите се добро потврдени. Но, Муџахединскиот баталјон е под сомнеж за многу други криминални дела, меѓу кои и киднапирањето и убиството на волонтери на хуманитарните организации, како и убиството на 20 Хрватски затвореници.
Странските борци никогаш не ја надминале бројката од 1 процент од воената сила во Босна и Херцеговина, и покрај честите тврдења на српските и хрватските медиуми дека забележиле исламски фанатици од странство во многу градови. Од почетната фаза, муџахедините започнале да регрутираат Босанци и околу 1995 година, во крајните неколку месеци од војната, вклучувањето на неколку стотици локални мажи му овозможило на баталјонот да биде проширен во Муџахединска бригада, со околу 1.500 членови.
До летото 1993 година, сараевската влада почнала да се буди за потенцијалниот токсичен ефект на овие џихадисти на нивната слика како мултиетничка, секуларна република. Така, во обид да го контролираат, баталјонот бил сместен под команда на Третиот корпус, формација на Босанската армија со централен штаб во Зеница.
Нејзиниот командант во тоа време, генерал Енвер Хаџихасановиќ, заврши обвинет за воени злосторства во Хаг, со обвиненија за одговорност над некои од криминалите на муџахедините, меѓу кои и киднапирањата во Травник. На крај, обвинителството ја повлече тужбата, но генералот беше во затвор 2 години, поради пресудата на вина за водење на босански трупи кои злоупотребувале затвореници.
Генералот знаел дека муџахедините се моќна придружба, но и опасност за Босна, и напишал тајно писмо на армиските шефови во 1993, во кое пишувало „Моето мислење е дека зад муџахедините стојат политичари на високи позиции и религиозни лидери. Тие воопшто не ѝ помогнаа на Босна, туку напротив, мислам дека ѝ направија само лошо“.
Сепак, како што писмото на генералот од 1993 кажувало, имало некои лидери, меѓу кои и Алија Изетбеговиќ, претседателот на Босна во тоа време, кои среќно им посакале добредојде на странските борци, делумно како начин да ги задржат богатите арапски донатори задоволни.
Забрана за регрутирање
Кога војната завршила, според Мировниот договор од Дејтона, сите странски борци морале да ја напуштат Босна и Херцеговина со наредба од 1996 година. Сеќавајќи се на тој ден, Аимен Деан вели дека имало силни емоции, викање и солзи во базата на муџахедините: „И причината за тоа беше што сите од нас се надеваа дека ќе умрат како светци. Таа шанса ни беше одземена“.
Стотици муџахедини од Босна заминале во Чеченија, Пакистан и Авганистан. Помеѓу нивните редови биле и двајца од терористите кои го извршија нападот на Кулите близначки на 11 септември, убиецот на американскиот заложник Даниел Перл и бројни други кадри на ал-Каеда.
Повеќе од 300 од странските борци останале во Босна, закопани во нејзината почва, како сведоштво за големиот број на жртви кои ги имал и самиот баталјон. Неколкумина Арапи кои запознале локални жени во Босна се плашеле да се вратат дома и успеале да останат добивајќи босанско државјанство.
Денес, има шпекулации дека Сараево не се бори доволно против повторното доаѓање на странски џихадисти во земајта. Но, сега стотици Босанци одбираат да заминат во Ирак и Сирија.
Сепак, владата во Сараево превзеде акција и забрани регрутирање на војници за странски војни (во името на било која религија или кауза), и спроведе бројни рации за да ги растури екстремистичките мрежи и да ги уапси оние кои се вратиле од војување во Блискиот Исток.
Сепак, критичарите на владата трвдат дека со години, Босанците им прегледувале низ прсти на оние арапски муџахедини кои останале во Босна, и тоа придонело во создавањето на неколку заедници на Босански салафисти кои се појавиле во изминатите неколку години. (Крај)
извор:ББС фото:архива







