October 11, 2014

Атина, 11. октомври 2014 (ИНПРЕС) – Коалициската влада на премиерот на Грција Антонис Самарас ја доби довербата од грчкиот парламент.

Неговиот кабинет беше поддржан од страна на 155 пратеници (од вкупно 300) на централнодесничарската партија Нова демократија, чиј лидер е премиерот Самарас, и централно-левичарската ПАСОК, чиј лидер е Евангелос Венизелос, вицепремиер и министер за надворешни работи.

Гласањето за доверба го побарааа самите Самарас и Венизелос, со цел да се демонстрира единство во владината коалиција, која се разниша по меѓусебните напади во текот на izминатите неколку недели. Најголема закана за нив во моментов е партијата СИРИЗА, која според последните анкети ги надминува по популарност и Нова демократија и ПАСОК.

Преку гласањето за доверба, Самарас сакаше да испрати и јасна порака до меѓународните кредитори дека политичката ситуација во Грција е стабилна. Стабилизирањето на финансиско-економската ситуација е вградено и во нацрт-буџетот, доставен на 6 октомври, а чиј финален текст ќе биде презентиран во ноември.

Новиот буџет предвидува враќање на земјата кон позитивните стапки на економски раст по 6 години на рецесија. За 2014 година е констатиран раст од 0,6%, кој во 2015 година треба да порасне до 2,9%. Предвидено е и намалување на невработеноста до 24,5% во текот на 2014 година и до 22,5% за 2015 година. Овен ова, владата планира да издаде 7годишни и 10-годишни обврзници, како и краткорочни државни обврзници со рок на отплата од максимум 26 недели. (Крај)

извор: АФП фото: АП