December 7, 2015

Приштина, 7. декември 2015 (ИНПРЕС) – Во косовското село Гораждевац рано утрово е пукано врз неколку куќи, возила и споменик, кои се наоѓаат во центарот на местото.

Во инцидентот нема повредени, јави РТС.

Српскиот министер за враќање и заедници во косовската влада Далибор Јевтиќ изјави дека инцидентот се случил рано утрово околу три часот и дека се оштетени два автомобила.

Според него, пукано е врз куќа на петчлено семејство. Јевтиќ рече дека напаѓачите се обиделе да го запалат спомен обележјето во селото, оти споменикот е демолиран, и оти во инцидентот еден автомобил е запален.

Косовската полиција изврши увид.

Градоначалникот на Северна Митровица Горан Ракиќ го осуди инцидентот во Гораждевац, оценувајќи оти тие кои стојат зад тоа сакаат етнички чисто Косово. – Сквернавење на споменици, уништување имот и загрозување на животите на Србите во Гораждевац е црвен аларм кој укажува на положбата на Србите во Косово, оцени Ракиќ.

Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија Марко Ѓуриќ ги осуди нападите во Гораждевац и оцени оти станува збор за „терористички напад на албански екстремисти врз Србите и нивниот имот“. (Крај)

извор: RTS фото: архива