August 2, 2014

Белград, 27. јули 2014 (ИНПРЕС) – Српскиот премиер Александар Вучиќ побара од своите сонародници „да се разбудат и да престанат да сонуваат“.

– Секој, кој се спротивстави на српскиот менталитет е осуден на пропаст. Крајно време е да излеземе од овој маѓепсан круг и да се разбудиме. Нема никакви завери против нас. Во голема мера сами сме криви за сe што ни се случи. Сонувавме и страдаме. Време е да се разбудиме, напиша доцна синоќа на својот профил на Фејсбук српскиот премиер Вучиќ. Во пораката тој нагласува дека „актуелната влада нема да се уплаши и нема да ги запира реформите“.

– Благодарение на неодговорноста на политичарите успеавме само во периодот од 2008 до 2012 година да ја зголемиме невработеноста од 14,4 отсто на 26,1 отсто. Ги зголемивме пензиите и платите во јавниот сектор, без да има економски причини за ова, го зголемивме јавниот долг од 34.2 отсто на 62,5 отсто од бруто-производот на земјата, пишува уште Вучиќ.

Според него, за првпат во современата српска историја има јасна програма за создавање на стабилна економија, силна држава и ред во финансиите. „За да се постигне сето тоа ќе треба да минеме низ многу тешкотии“, пишува уште српскиот премиер.

– Ако не успееме во овој мандат јас ќе ја напуштам политиката. Ова ќе биде и мој личен пораз, вели уште тој и нагласува дека треба барем да се обидат да ја променат земјата.

– Тоа е државата во која секој тврди дека некој друг му е виновен, дека не сака работа за триста евра и на крајот ништо да не менуваме… Но, ако некој се обиде да ги промени работите, тогаш сите во еден глас, цела Србија се противи – левите стануваат десни, десничарските леви и сл, научниците се противат, а работниците штрајкуваат, пишува уште Вучиќ. (Крај)

извор: БГнес фото: архива