November 8, 2014

Кикинда, 8. ноември 2014 (ИНПРЕС) – Премиерот на Србија Александар Вучиќ изјави дека на Воислав Шешељ, кој е пуштен привремено на слобода од Хашкиот трибунал, му посакува добро здравје и брзо закрепнување.

– И тоа е се`, нема ни „и“ ни „но“, изјави Вучиќ одговарајќи на новинарско прашање во врска со враќањето во земјата на лидерот на Српската радикална партија, чиј висок член своевремено беше и самиот Вучиќ, заедно со актуелниот претседател на Србија Томислав Николиќ. Околу тоа дали разговарал со Хашкиот трибунал за условите за негово пуштање на слобода, Вучиќ кратко одговорил „не“.

– Ние му посакуваме добредојде, брзо закрепнување и добро здравје, додал Вучиќ.

Во врска со изјавата на министерот Александар Вулин дека пуштањето на слобода на Шешељ е обид да се дестабилизира Србија, премиерот Вучиќ навел дека многу го почитува Вулин, но дека нема да ја коментира неговата изјава.

– А што се однесува до стабилноста на Србија и како порака до сите кои очекуваат некаков вид нестабилност, ќе потсетам дека имаше многу луѓе кои во изборната кампања повикуваа на „украинско сценарио“, додаде српскиот премиер. (Крај)

извор: Б92 фото: архива