Белград, 23. август 2014 (ИНПРЕС) – Во однос на извозот на стоки за Русија ќе ги следиме насоките добиени од Европската унија, но во исто време ние нема да воведуваме санкции против Русија, изјави српскиот премиер Александар Вучиќ по предупредувањето од Брисел дека неговата земја го зголемува извозот за Русија.
– Го прифаќаме сериозното предупредувањето што го добивме од ЕУ, истакна српскиот премиер. „Граѓаните можат да бидат спокојни. Независно од тешката економска состојба во која се наоѓа Србија, нема никаква закана за нас“, смири Вучиќ.
Според него, Владата нема потреба да дава субвенции за извоз во Русија, бидејќи стратешка цел е членството во ЕУ. „Водиме таква политика, бидејќи таа ги исполнува желбите на владата и граѓаните кои не избраа“, изјави српскиот премиер.
Тој им препорача на домашните производители да не ги пакуваат повторно европските производи и да ги извезуваат како српски.
– Да не се вообразува некој дека може да ги измами на овој начин Русија и ЕУ. Никој да не мисли да прави такви работи. Нема да го запреме нашиот извоз, но нема да даваме субвенции. Нашиот најголем партнер е ЕУ, рече Вучиќ.
Српскиот премиер се надева дека до крајот на годината ЕУ ќе отвори 32 и 33 глава од претпристапниот процес.
– Додека јас сум премиер ќе ги почитуваме странските интереси, но ќе ги штитиме и своите. Србија води политика, водејќи сметка за интересите на граѓаните. Никого не навредува, ги почитуваме сите. Србија оди по патот на европската интеграција, но се очекува и од ЕУ да ги исполни своите ветувања, категоричен е Вучиќ. (Крај)
извор: РТС фото: архива
