Загреб, 14.октомври 2015 (ИНПРЕС) – Претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ вели Хрватска ќе мора да постави ограда на својата граница за да се заштити од масовната миграција.
– Не сакам Хрватска да се најде во позиција да влезат голем број на луѓе, бегалци и мигранти, а да се затворат границите на соседните држави. Мислам дека во иднина ќе биде потребна некаква ограда или физичка пречка, но немојте да ја нарекувате жица. Немојте да го споредувате тоа со Сребреница или концентрационите логори, изјави претседателката за „Јутарњи Лист“.
Според неа, нема друг начин како да се заштити безбедноста на земјата иако таа сака да се избегне ваквата ситуација, а мерката би можела да биде имплементирана поради тоа што Хрватска немала капацитет за толку многу луѓе.
Партијата на премиерот Зоран Милановиќ пак, на оваа идеја, како и на поставувањето на војска на границата со Србија се противи уште од самиот старт.
Грабар-Китаровиќ ги критикуваше реакциите на премиерот кои тој ги упати кон Унгарија неодамна за политиката на Орбан кон бегалската криза, со образложение дека вербалната војна може да бидат штетни за соседските односи.
– Орбан е загрижен за меѓудржавните односи. Тој сфаќа дека тоа не е ставот на поголемиот број Хрвати. Морам да нагласам дека на нашиот состанок тој ниеден лош збор не кажа за премиерот Милановиќ, изјави таа по средбата со Виктор Орбан во главниот град на Унгарија. (Крај)
извор:НоваТВ фото:архива