Охрид, 3. октомври 2023 (ИНПРЕС) – Охридскиот градски мешан хор Vox Lychnidos ја започна новата сезона и веќе најави гостувања во Херцег Нови, Црна Гора и Темишвар, Романија.
Прво ќе учествуваат на осмиот Меѓународен хорски натпревар, што од 6-ти до 8-ми октомври ќе се одржува во Херцег Нови.
Овој фестивал за релативно кратко време стана препознатлив не само во регионот туку и во меѓународни рамки. Диригентот на охридскиот хор Бурим Хидри во изјава за Супер радио и InPress вели дека имаат подготвено специјална програма, се надева на одличен настап и освојување на награда.
– Нашиот настап е во сабота, на 7-ми октомври, сме во категорија C2. Наши конкуренти ќе бидат хорови од Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Словенија. Имаме специјално подготвена програма. Ќе се претставиме со композициите „Sicut cervus“, „Konj“, „Besame musho“ и „Капетан“, современа композиција со фолклорни елементи од охридскиот композитор Гоце Гарвиловски. Не се сомневам дека и овојпат ќе имаме енергична изведба и ќе ги освоиме симпатиите на жири комисијата и публиката, истакна Хидри.
Инаку во натпреварувачкиот дел на фестивалот ќе учествуваат вкупно 20 машки, женски и мешани хорови од Црна Гора, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Романија и Грузија, а Vox Lychnidos се единствени претставници од Македонија.
Веќе следниот месец охридскиот градски хор ќе патува за Романија, на фестивал во Темишвар. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес
