March 24, 2015

Брисел/Атина, 24. март 2015 (ИНПРЕС) – Канцеларката Ангела Меркел е најважниот играч во покерот околу грчкиот долг. Сега картите одново ќе се мешаат. Меркел и нејзиниот колега Ципрас се подготвени за задачата, смета Марсел Фирстенау.

За оние кои веруваат дека ЕУ не е ништо повеќе од бирократско чудовиште, судбината на Грција има мали последици. Оние кои веруваат дека заедничката евро валута е најголемиот грев во однос на монетарната политика, се молат за дефинитивен колапс на грчката економија. Се надеваат дека и еврото ќе биде повлечено во тој амбис. Така на состојбата гледаат циниците, националистите и опортунистите, пишува Дојче Веле.

Од друга страна, последиците од кризата и напорите таа да се реши се вистински. Грција е осиромашена, разлутена и се чувствува понижена. Државите кредитори, Европската централна банка и ММФ се на крајот на нервите. Ова чувство стана уште поизразено откако на власт дојде лево-десната коалиција во Атина.

Судбината на европскиот проект е поцврсто поврзан со Грција одошто многумина веруваат. Да не беше така, регуларните самити во Брисел одамна ќе прекинеа. Но, играчите на европската покер маса знаат дека, во најлош случај, сѐ може да биде искоцкано. Банкротот на Грција може да доведе до симултани мулти-милионски банкроти. Меѓу кредиторите, Германија ќе има најмногу долгови за отпишување. Ангела Меркел е во право што му се обраќа на Ципрас, а и обратното е точно. Доколку впечатокот кој го оставија по нивната прва заедничка средба во Берлин не лаже, постои добра волја на обете страни. Нивната заедничка прес-конференција звучеше хармонична. И Меркел и Ципрас ги подвлекоа пријателските односи меѓу народите во двете земји од крајот на Втората светска војна. Во Берлин има малку разбирање за грчките барања за репарации од времето на нацизмот. Но Ципрас подвлече дека се работи првенствено за морално и етичко прашање, а не финансиско. Ова не може да се толкува како грчко откажување од барањето, но можеби преку зборовите кои беа употребени се укажува на придвижување во однос на големата слика: долгорочно решение за кризата, притоа имајќи ја предвид и историската одговорност. (Крај)

извор: Дојче веле фото: архива