December 19, 2014

Анкара, 19. декември 2014 (ИНПРЕС) – Финансиската криза во Русија има негативно влијание врз пазарите во земјите во развој, изјави турскиот премиер Ахмет Давутоглу.

– Од една страна падот на цената на нафтата помага за намалување на дефицитот во платниот биланс на Турција. Од друга страна, кризата во Русија се одразува негативно на економиите на земјите во развој. Сега сме пред вистински тест за управување со економијата во услови на криза. Нашата задача е да ја намалиме штетата на минимум, рече Давутоглу на економска конференција во Анкара.

Тој додаде дека кризата во Русија и реакцијата на Турција биле разгледани за време на последната средба со членовите на владата. Според турскиот премиер, Анкара има развиено програма за акција, и зема во предвид неколку различни сценарија за движењето на цените на нафтата.

Во вторникот, курсот на турската лира падна на рекордно ниско ниво, поради повлекувањето на инвеститорите од пазарите, како реакција на рекордниот пад на вредноста на руската рубља. (Крај)

извор: АФП фото: АП