Сараево, 6.октомври 2015 (ИНПРЕС) – Претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик изјави дека нема намера да распише референдум за независноста на РС пред крајот на зададениот рок, а тоа е 2017-та година.
На прашањето дали тој ќе распише референдум за независноста на Република Српска, доколку пројде референдумот за Судот и Обвинителството на Босна и Херцеговина (БиХ), Додик одговори дека тоа е сплет на околности и дека до 2017-та година ќе се обиде да направи сé за БиХ да биде уредена во согласност со Дејтонскиот договор и со интересите на трите народа и двата ентитета.
-Јас не сум сепаратист, туку само се обидувам да се почитува Дејтон, изјави Додик за време на интервјуто за телевизијата Н1.
Тој истакна дека нема да има потреба околу референдум за статусот, доколку се почитува референдумот за Судот и Обвинителството на БиХ.
– Тоа значи да се почитуваат Република Српска и Србите, и да можеме да ги решаваме работите. Ги повикувам сите претставници на Бошњаците заедно да ја отфрлиме меѓународната заедница и да направиме внатрешен договор. Треба заеднички да направиме Суд кој има легитимитет на Република Српска и Србите, порача претседателот на Република Српска.
На прашањето дали Србија би ја поддржала незавиноста на Република Српска, Додик рече дека тој не го поставил ова прашање, но дека доколку дојде до ова, тој е подготвен да побара поддршка.
– Политиката на ЕУ е никаде да нема огради, ниту во Каталонија, Шкотска, Баварија… Белград знае дека со политичката гарнитура во РС може само успешно да соработува, и дека таа нема да биде поданик. Не бевме поданици ниту на странците, ниту на Инцко, така што не треба ниту екстремен Белград да очекува поданичка Република Српска, додаде Додик. (Крај)
извор:Макфакс фото:архива