Д-р Јасна Митреска денес ќе одржи предавање за рак на грлото на матката
March 2, 2023

Охрид, 2. март 2023 (ИНПРЕС) – Во рамки на одбележувањето на Неделата на борба против ракот од 1 до 8 март, под мотото „Знаењето спасува живот“, Црвен крст Охрид организира активности насочени кон подигање на јавната свест кај општата популација за превенција и навремено дијагностицирање на малигните заболувања.

Па, така имајќи ги предвид податоците за застапеноста и зачестеноста на појавата на рак на грлото на матката кај женската популација, Црвен крст Охрид во соработка со Младинскиот центар Охрид денеска организира предавање на тема „Рак на грлото на матката-причини, симптоми, тестови, стадиуми, превенција и лечење“, а предавач ќе биде д-р Јасна Митреска, спец. гинеколог.

Предавањето ќе се одржи во просториите на Младинскиот центар Охрид, Касарна Охрид,со почеток во 17:00 часот.

Секоја година во светот, над 12 милиони луѓе заболуваат од некој вид на рак, а 7,6 милиони луѓе умираат како последица на болеста. Во нашата држава, годишно се откриваат преку 6 илјади нови случаи на заболени од рак. Овие бројки се навистина застрашувачки и алармантни. Експертите од Меѓународната унија за рак и Светската здравствена организација нагласуваат дека приближно 40% од карциномите можат потенцијално да се спречат и ризикот од развој на ракот може значително да се намали со примена на едноставни превентивни мерки и практикување на здрави животни навики.

– Не се двоумете да дознаете повеќе за ракот на грлото на матката и грижата за своето здравје ја подигнете на повисоко ниво. Ве очекуваме, порачуваат од охридскиот Црвен крст. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива