Зеница, 7. септември 2014 (ИНПРЕС) – По повод тешката рударска несреќа која се случи на 4-ти септември во Распоточје, при што загинаа пет рудари, првиот човек на Зеница Хусеин Смајловиќ, 7-ми и 8-ми септември ги прогласи за денови на жалост.
Знамињата на БиХ и Општина Зеница ќе бидат поставени на половина копје, а откажани се сите културно-уметнички и спортски манифестации. Медиумите во овој регион ќе ја прилагодат програмата во знак на почит кон загинатите рудари.
Од рудникот Распоточје синоќа е извлечено и телото на четвртиот рудар кој настрада во несреќата од 4-ти септември. Извлечено беше телото на Хајрудин Брадарц, а започна откопувањето на јамата кон последниот рудар Фејзо Исаковиќ, кој од колегите бил оддалечен околу 100 метри.
Претходно беа извлечени телата на Мехемед Диздаревиќ, Мехмедалија Халиловиќ и Фахир Халаќ. (Крај)
извор: АФП фото: АП