May 27, 2016

Атина, 27. мај 2016 (ИНПРЕС) – Евакуацијата на имигрантите и бегалците од импровизираниот бегалски камп кај Идомени на грчката страна во непосредна близина на границата со Македонија е завршена, изјавил грчки полициски функционер.

– Во текот на третиот ден од операцијата на затворањето на кампот „преместивме уште 738 луѓе. Завршено е, нема повеќе бегалци во кампот. Таму останаа само шаторите на хуманитарните организации, изјавил истиот извор.

Грчките власти во понеделникот, пред започнувањето на операцијата за празнење на кампот, евидентирале 8.424 лица.

Полицијата од вторникот кон регионалните центри за прифаќање на бегалците и имигрантите со автобуси пренела околу 4.000 луѓе. Уште 4.000 луѓе чиешто преместување беше планирано со операцијата, самите се упатиле кон прифатните центри, а некои меѓу нив се сместиле во хотели или на други места на кои за нив се подигнати шатори, рекол грчкиот полициски функционер. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива