Белград, 28. септември 2014 (ИНПЕРС) – По бурната ноќ и протестите на противниците на одржувањето на најавената геј парада, центарот на Белград денес е блокиран, а полицијата и борбени возила се на улиците.
На полноќ истече законскиот рок од 12 часа, кога полицијата мора однапред да им соопшти на организаторите дека собирот е откажан. Организаторите утрово за српските медиуми изјавија дека парадата ќе се одржи. Центарот на градот е комплетно блокиран, а репортерите на „Телеграф“ јавуваат дека се видени и оклопни возила.

Делот кај српското Собрание, каде ќе помине парадата е блокиран и за пешаци и за автомобили.

Организаторите на геј парадата најавија дека учесниците прво ќе се соберат пред зградата на Владата на Србија во 11:30 часот, по што точно напладне ќе тргнат по улицата „Кнез Милош“ до Собранието и до седиштето на локалната самоуправа во Белград, каде и ќе заврши парадата.


Синоќа во Белград се одржаа масовни протести против одржувањето на денешната геј парада. Две стаклени шишиња биле фрлени кон полицијата, по што дошло и до помал судир со демонстрантите.

Српски „Блиц“ јавува дека меѓу насобраните лица имало голем број навувачи на фудбалските клубови „Рад“ и „Црвена Звезда“, но и граѓани кои со транспаренти барале парадата да се одложи. (Крај)
извор: Блиц фото: архива
