Охрид, 31. мај 2023 (ИНПРЕС) – За 12-ти јули е одложено рочиштето во случајот за физичкиот напад на секретарот на сега укинатото бугарско здружение „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков.
Откако вчера се врати во Охрид и го даде првиот исказ пред истражителите, Пендиков денес се појави на рочиштето во охридскиот Основен Суд.
На рочиштето, охридското Обвинителство до судот доставило дополнување на медицинското вештачење. Одбраната на еден од обвинетите Илија Спасески побараа одложување на рочиштето за да се проучат новите докази, судијата Бојан Мартиноски не дозволи, по што адвокатите на обвинетиот ја напуштија салата. Обвинетиот Спасески рече дека сака да се брани со адвокат и побара одлагање.
– Се доставија нови докази, ново дополнение на вештачење, јас не можам да се согласам да почне сослушување за кривично-правниот настан, а да не знам што стои во медицинското вештачење. Мојот чин за напуштање на расправата е револт и тоа е основно право, право на одбраната да ги има сите докази, изјави адвокатот на Спасески, Димитрија Цобоски.

Правниот застапник на Пендиков, адвокатот Стефан Камишевски, рече дека од процесен аспект е во ред, одбраната има право да побара одлагање со оглед на дополнувањето на медицинското вештачење. Лекувањето, посочи, се уште трае и медицинската документација беше доставена подоцна. Тој потврди дека постои уште еден напаѓач на Пендиков, што се гледало и на снимката која беше изведена како доказ во судот. Тој истакна дека генерално обвинението е основано.
Во првата изјава за домашните медиуми по сите случувања од нападот врз него на 19-ти јануари годинава, Пендиков кој претходно тврдеше дека неговата безбедност во Македонија е загрозена, рече дека не се плаши да доаѓа на рочишта, додавајќи дека добивал бројни смртни закани.
– Сега сум подобар, иако има уште прегледи што ми следуваат. Се надевам дека ќе можам да патувам, на 12-ти јули сакам да го остварам моето право, треба да се соработува со судот. Не се плашам додека сум тука, ама не е убаво чувството да добивате по 20-30 смртни закани преку социјални мрежи, рече Пендиков.
Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19-ти јануари во кафе-бар на Кејот на Охридското Езеро во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје.
Пред околу еден месец, Пендиков стана бугарски државјанин, а церемонијата се одржа во салата во која вообичаено претседателот на Бугарија врачува ордени и пречекува странски делегации.
Тој беше секретар на сега згаснатиот бугарски клуб во Охрид, со контроверзно име „Цар Борис III“. Откако беше претепан, Пендиков беше префрлен со бугарски владин авион во Софија каде што беше лекуван, доби стан и полициска заштита.
Против него, се води и предмет во охридското обвинителство поради омаловажување на македонскиот народ и Македонија. (Крај)
извор: ИнПрес/Опсервер фото: Опсервер/архива
