Охрид кеј Македонија сонце гужва бродови катамарани
Охрид, 12. февруари 2026 (ИНПРЕС) – Во шестата недела од 2026 година, во периодот од 2-ри до 8-ми февруари, во Република Македонија се пријавени 1.306 случаи на групни пријави за заболени од грип и заболувања слични на грип, за 12,8% помалку во споредба со минатата недела се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Од нив 715 лица се на возраст од 15-64 години, 179 лица на возраст над 65 години, 228 деца на возраст од 5-14 години и 184 на возраст од 0-4 години.
– Заболените лица оваа недела се регистрирани во Скопје -543, Прилеп – 146, Тетово – 110, Струмица – 82, Битола – 76, Гевгелија – 56, Охрид – 48, Дебар – 46, Кавадарци – 36, Штип – 33, Куманово – 30, а во Велес, Кичево, Струга, Свети Николе, Радовиш, Гостивар, Кочани, Неготино, Ресен, Демир Хисар, Пехчево, Македонски Брод, Виница, Крива Паланка, Кратово, Берово и Крушево бројот на заболени е помал од 30. Во Делчево, Валандово и Пробиштип нема пријавени заболени лица од грип и заболувања слични на грип, стои во извештајот.
Во Охрид изминативе четири недели се намалува бројот на новозаболени и се бележи сезонска активност на вирусот на грип.
Во сезоната 2025/2026 вкупниот број на случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 12.721. Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 9,5%. Во текот на сезоната на грип, регистрирани се четири починати лица асоцирани со грип.
Од 16 октомври започна да се спроведува бесплатната вакцинација против сезонски грип за ризичните групи граѓани, а интересот е голем. Досега на ниво на Република Македонија со бесплатна вакцина се имунизирани вкупно 77.273 лица од ризичните категории. Покрај тоа набавени се и 2.400 дози комерцијални вакцини за останатото население и досега се имунизирани 1.837 лица.
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес
