Загреб, 18. јануари 2015 (ИНПРЕС) – Новата претседателка на Хрватска Колинда Грабар – Китаровиќ побара од генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун да направи се` што е во негова моќ Воислав Шешељ да се врати во Хаг.
Хрватските медиуми пренесуваат дека Китаровиќ во писмото барала од Меѓународниот суд во Хаг што побргу да ја донесе пресудата за Шешељ.
– Пуштањето на Шешељ на слобода ја поткопува самата причина поради која Советот за безбедност го основа Меѓународниот суд. Барам од Вас да ги преземете сите чекори за да се осигура дека тој ќе се врати во притвор, се додека не ги исполни сите услови за привремено ослободување, кои мора да ги исполнат сите други затвореници, напоменува хрватската претседателка во писмото испратено до првиот човек на ОН Бан Ки-мун.
Таа додава дека не се доволно јасни причините за условното ослободување на Шешељ, затоа што за него судот не ги одредил условите, кои се вообичаени за вакви случаи.
Китаровиќ натаму истакнува дека од Шешељ не било побарано да се воздржи од јавни настапи или ангажмани во политичкиот живот.
– Ве молам да ги преземете сите мерки кои Ви се на располагање. Клучно е Судот да донесе пресуда додека Шешељ е жив за со својата смрт тој да не ја избегне пресудата како што тоа се случи со Слободан Милошевиќ. Сите жртви заслужуваат да ја слушнат неговата пресуда, се наведува во писмото. (Крај)
извор: Б92 фото: архива