Скопје, 23. јануари 2026 (ИНПРЕС) – По 18 години присуство на македонската музичка сцена, исполнети со песни што го надминаа времето, а и трендовите, Некст Тајм на 27-ми ноември ќе одржат голем концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
Ова е концерт за сите „некогаш“ и сите „сега“. За сите што пораснаа со нивната музика, но и за оние што допрва ја откриваат. Вечер во која македнската музика добива простор, глас и сцена каква што заслужува.
Арената „Борис Трајковски“, ќе стане простор каде што ќе се пеат песни што одамна ги знаеме наизуст, но и ќе се почувствува силата на едно музичко име кое опстојува со квалитет, доследност и свој препознатлив израз.
Некст Тајм со години успешно го спојуваат современиот звук со македонското музичко наследство. Обработките на традиционалните песни како „Ја излези Ѓурѓо“, „Зајди, зајди“, „Налеј, налеј“ и други македонски народни теми, добија нов живот преку нивниот препознатлив израз, со почит кон оригиналот, но со современа емоционална сила што им овозможи на овие песни да допрат и до помладата публика.
Токму во оваа способност, да се зачува коренот, а да се пренесе емоцијата во ново време, лежи еден од најсилните адути на Некст Тајм. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
