August 30, 2023

Скопје, 30. август 2023 (ИНПРЕС) – Со исплатата на пензијата за август се враќа редовниот начин на исплата, наместо предвремената исплата на пензијата, која беше воведена поради прогласувањето на пандемија во државата и донесените мерки за заштита од коронавирусот, информираат од Министерството за труд и социјална политика.

– Поради завршувањето на пандемијата, деловните банки преку Македонската Банкарска Асоцијација (МБА) ја прекинуваат досегашната пракса за предвременото исплаќање на пензиите, со тоа што пензиите ќе се исплаќаат на први во месецот, директно од буџетот на државата, соопштија од министерството.

Потсетуваат дека за време на траење на пандемијата, во соработка со деловните банки, се вршеше предвремена етапна исплата на пензиите во четири групи. Тоа беше дел од препораките и мерките за спречување и ширење на вирусот кај пензионерите како најранлива возрасна група. Целта, како што се наведува, беше да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива