Охрид, 29. февруари 2024 (ИНПРЕС) – За разлика од месец јануари, периодов значително е намалена бројката на заболени од сезонски грип во Охрид.
Минатата недела биле регистрирани само седум заболени, вели за Супер радио и InPress специјалист епидемиолог д-р Јованка Стурлакова Коровешоска.
– Нагло падна бројката на заболени. И тие што се, се со лесна клиничка слика. Вирози можеби има но не е состојбата како што беше во месец јануари, рече д-р. Стурлакова Коровешоска.
Потенцира дека во градов немаме ниеден случај со пертусис или голема кашлица, а што се однесува до Covid-19 речиси еден месец не е регистриран нов случај.
И на државно ниво се бележи пад во бројките на заболени од грип. Според податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во текот на 8-та недела од 2024 година (19-25.02.2024), се пријавени 820 случаи на заболени од грип/заболувања слични на грип, односно 40,8% помалку во споредба со претходната недела. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива