Софија, 16. октомври 2015 (ИНПРЕС) – Бугарската гранична полиција во местото Средеч, во близина на границата со Турција, пукала врз еден мигрант по што тој починал на пат кон болницата, соопшти утринава Министерството за внатрешни работи.
Група од 50 престапници илегално влегле во земјата. Бегалците биле на возраст од 20 до 30 година, најверојатно Авганистанци. При апсењето тие давале отпор, а еден од полицајците пукал во знак на предупредување. Еден од мигрантите бил погоден со рикошет и тој подоцна починал од здобиените повреди.
Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, кој вчера учествуваше на самитот на ЕУ за бегалци, веднаш по веста за инцидентот на границата ја напуштил средбата во Брисел.
Бугарија и Турција имаат заедничка граница во должина од 160 километри, а официјална Софија, со намера да го спречи приливот на бегалци од Сирија и Авганистан, го зголеми бројот на гранични полицајци, инсталира камери и сензори на границата и крена ограда.
Портпаролот на УНХЦР, Борис Чеширков, ја осуди употребата на огнено оружје против мигрантите и ги повика бугарските власти да спороведат транспарентна истрага за овој инцидент. (Крај)
извор: Plus Info фото: архива







