Белград, 3. јануари 2015 (ИНПРЕС) – Претседателот на Србија Томислав Николиќ изјави дека разговарал за предлогот за конечно решение за Косово и Метохија со премиерот Александар Вучиќ.
Тој истакна дека на овој начин, документот, пред да биде доставен до Владата, ќе има согласност од двете страни – и од премиерот и од претседателот.
– Двајцата сме согласни со она што како предлог го испраќаме до Владата, изјави Николиќ за српската телевизија Прва.
Тој додаде дека „ако е потребно претседателот на Србија да излезе пред граѓаните и да им каже колку е тешко решението за Косово и Метохија, тој е подготвен тој ризик да го преземе, исто како што Вучиќ излегол и имал храброст да каже колку е тешко решението за економската ситуација во земјата“.
Николиќ истакна дека доколку тој документ го прифатат и Албанците, Србија ќе стане членка на ЕУ за време на неговиот мандат и дека смета дека „тоа прашање треба да се отвори веднаш, па што ќе се случи, нека се случи“.
– Ако не не сакаат затоа што не ја признаваме независноста на Косово и Метохија, нека го кажат тоа јасно, нагласи српскиот претседател. (Крај)
извор: Б92 фото: архива