February 15, 2015

Загреб, 15. февруари 2015 (ИНПРЕС) – Колинда Грабар-Китаровиќ, новата претседателка на Хрватска, денес ќе положи заклетва и официјално ќе стапи на должноста претседател на земјата на церемонија на која ќе присуствуваат претставници на 88 држави.

Свечената церемонија ќе започне напладне на отворено на плоштадот „Свети Марко“ во центарот на Загреб. Грабар-Китаровиќ ќе одржи говор кој се очекува да трае 15-20 минути.

На настанот ќе присуствуваат претседателите на Црна Гора, Албанија, Унгарија, Словачка, Словенија, Косово, Босна и Херцеговина и македонскиот претседател Ѓорге Иванов. Во Загреб ќе пристигне и српскиот премиер Александар Вучиќ, и покрај сложените односи меѓу двете земји.

46-годишната Колинда Грабар-Китаровиќ е првата жена претседател во историјата на Хрватска. Таа го победи Иво Јосиповиќ со минималната разлика од 1,5% или 32.500 гласа. Грабар-Китаровиќ ја водеше изборната кампања под слоганот „За подобра Хрватска“. Таа остро ја критикуваше економската политика на Владата и актуелниот претседател, кого го обвини во недостаток на иницијатива за заживување на економијата во земјата. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива