Белград, 16. ноември 2014 (ИНПРЕС) – Српската полиција дошла до нови докази и сведоци во врска со нападот врз Милан Беко, ја пренесе Б92 изјавата на началникот на Управата на белградската полиција Веселин Милиќ.
Милиќ додал дека веќе биле направени ДНК анализи и дека верува дека случајот ќе биде брзо решен.
Бизнисменот Беко беше тешко ранет во петокот навечер пред неговата куќа во Белград, при што се здоби со тешки повреди по што беше опериран. Неговата здравствена состојба во моментов е подобрена и тој е надвор од животна опасност.
Во нападот врз него учествувале две лица. Министерот за внатрешни работи на Србија Небојша Стефановиќ изјави дека истражните органи го имаат описот на еден од напаѓачите.
– Во нападот врз Беко учествуваа две лица, кои по се изгледа не се професионалци. Врз него било пукано од помалку од еден метар со четири куршуми, од кои два го погодиле бизнисменот, наведе Стефановиќ.
Премиерот на Србија Александар Вучиќ изјави дека надлежните органи „сигурно ќе откријат кој го извршил нападот врз Беко“.
– Ова секако не беше направено од страна на професионалци, истакна Вучиќ.
Милан Беко важи за еден од најбогатите луѓе во Србија и е поранешен српски министер за приватизација. Вредноста на неговиот имот никогаш не е точно проценета, но неговото име се поврзува со сопственост во неколку големи српски компании. На интернет страницата на бизнис клубот „Привредник“, во кој е член Беко, тој се споменува како претседател на инвестициската холдинг компанија Ладерна.
Неодамна водеше интензивни преговори со српската Влада за да биде именуван за нов директор на српската Железница, но преговорите пропаднаа кон крајот на минатиот месец. Според информациите во српските медиуми, Владата се откажала од неговото назначување откако се утврдило дека тој е поврзан со преку 40-тина фирми од Србија, Панама, Шпанија, Швајцарија и Луксембург, меѓу кои и такви кои се отворени во оф-шор зони, а во неговата мрежа се наоѓале и неколку банки.
Името на Милан Беко неодамна се споменуваше и како еден од најголемите должници за данок во Србија. Тој се најде на т.н. „црна листа“ на српската Даночна управа како сопственик на белградското пристаниште, со даночен долг од речиси една милијарда динари (околу 8,3 милиони евра). Член не на Советот за унапредување на економските односи меѓу Србија и Италија. Оженет е и татко на четири деца. (Крај)
извор: Б92 фото: архива






