Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home2/totomk/public_html/new.inpress.mk/wp-content/themes/darknews/single.php on line 43
Атина, 16, март 2015 (ИНПРЕС) – Посредникот во спорот за името, Метју Нимиц, воспоставил контакт со новиот грчки шеф на дипломатија, Никос Коѕиас.
Според весникот „Етнос“, Нимиц испратил писмо до Коѕиас за да му честита на преземањето на функцијата, изразувајќи подготвеност да ја посети Атина за да оствари контакт и да се запознае со новата грчка влада. Весникот забележува дека грчката страна одговорила формално на писмото до посредникот, без да упати некаква покана за Нимиц да ја посети грчката престолнина наскоро.
Коѕиас утре попладне ќе има средба со Викторија Нуланд, американската помошничка на државниот секретар за европски работи, на која ќе се разговара за европски и прашања кои ги засегаат двете држави.
Од грчка страна, она што се слуша се размислувањата за пакет мерки за градење доверба кои грчката страна би ги упатила кон македонската како гест на добра волја. Според весникот „Катимерини“, во целата работа веќе е вмешана и заинтересирана и меѓународната заедница како и Европската комисија. Весникот забележува дека сè уште е нејасно какви би биле конкретно мерките, дали македонската страна би ги прифатила и, ако ги прифати, во каква рамка би се одвивале разговорите за овие мерки, односно дали би се одвивале во рамки на Обединетите нации, на билатерално ниво или под капата на ЕУ. Меѓутоа, според весникот, она што е загрижувачко е што нема никакви реакции од ОН и по толку време отакако Коѕиас првпат ги спомена мерките.
Во анализата на „Катимерини“, за мерките се забележува дека до идејата за нив е дојдено по бројните притисоци од САД, Германија и од ЕУ, кои бараат по секоја цена да се интензивираат преговорите меѓу Македонија и Грција за конечно да се затвори вратата на 20-годишниот спор за името. Како што се забележува во текстот, грчки дипломатски оцени биле дека во моментов нема поволни услови за решавање на спорот за името поради што е дојдено до идејата за мерки за градење доверба, кои би биле начин Грција на меѓународната заедница да ѝ го посочи проблемот со иредентизмот на македонската влада.
Весникот тврди дека Венизелос по целиот настан реагирал со писмо до Кери, објаснувајќи го проблемот и причините за заминувањето и индиректно реагирајќи против притисоците што се вршат врз Атина. Венизелос во писмото, кое „Катимерини“ вели дека го има во свои раце, објаснува дека за Грција американската одлука Македонија да биде именувана со нејзиното уставно име претставува големо разочарување за грчката страна.
Поранешниот шеф на грчката дипломатија забележал дека почитувањето на привремената референца за името на нашата држава не е некаков грчки каприц или опседнатост туку почитување на одлуките на Советот за безбедност и меѓународното право.
Грција, според „Катимерини“, се одлучила на олку остра реакција на високо ниво, толкувајќи го американскиот чекор како одлука да се вршат притисоци само врз Атина, а не и врз Скопје. Дополнителна грижа создал и Самитот ЕУ – Западен Балкан во Берлин во август минатата година, каде Грција не беше ни поканета да учествува.
Во анализата на весникот се истакнува дека грчката влада треба да биде внимателна и добро да размисли за мерките, вмешаноста на меѓународниот фактор во нив, влијанието на актуелната политичка криза во Македонија и за ред други фактори и појаснувања за да не се најде во ситуација да плати прескапа цена за ова прашање. (Крај)
извор: МЕТА фото: архива
