October 19, 2014

Белград, 19. октомври 2014 (ИНПРЕС) – Извори блиски до премиерот на Србија Александар Вучиќ, за српски Телеграф.рс изјавиле дека е откажана посетата на неговиот албански колега Еди Рама на Белград.

Претходно, српскиот и албанскиот премиер разменија неколку пораки преку Twitter во врска со инцидентот на фудбалскиот натпревар меѓу селекциите на Србија и Албанија кој беше прекинат пред крајот на првото полувреме, откако дрон со знаме на „Голема Албанија“ влета на стадионот. Посетата на Рама на Србија беше закажана за 22-ри октомври.

И косовскиот премиер Хашим Тачи се вмеша во преписката која преку Твитер ја водеа Вучиќ и Рама. Преку неговиот профил на Фејсбук тој ја изрази поддршката за одлуката на Рама да го посети Белград.

– Западен Балкан навлегува во неповратен процес во евроатлантската интеграција, која има една главна цел – подобрување на животниот стандард на граѓаните. Овде уште се слуша јазикот на омразата и провокациите кои доаѓаат од нашето тажно минато. Договорот од Брисел меѓу Белград и Приштина конечно ќе ја затвори вратата на војните и промената на границите, напиша Тачи на социјалната мрежа.

Тој додаде дека „дијалогот со соседите и разбирањето треба да бидат главните столбови во политиката, за да се исполнат евроатлантските критериуми“.

Претходно во саботата најголемата опозициска партија во Албанија, Демократската партија побара од премиерот Еди Рама да не патува за Белград на 22-ри октомври.

– Голема Албанија е кошмар за Србија, но и за целиот свет и треба да се спречи, напиша на својот профил на социјалната мрежа српскиот премиер Александар Вучиќ.

Тоа беше во одговорот на неговиот албански колега Еди Рама кој ја постави пораката дека Голема Албанија не е проект на Албанија, туку дека тоа е кошмарот на Србија.

– Нормална Србија ќе биде можна доколку реална Србија сфати дека нивниот кошмар наречен Голема Албанија не е наш проект, напиша албанскиот премиер.

Неофицијално, средбата меѓу Вучиќ и Рама е одложена за 10. ноември. (Крај)

извор: телеграф.рс фото: архива