Охрид, 29. март 2023 (ИНПРЕС) – Охридските бродари со поделени ставови околу известувањето на ЈП „Билјанини извори“ дека ќе треба да склучат договор со претпријатието за да се регулираат условите и начинот на користење на градското пристаниште во Охрид за усидрување.
Сопствениците на пловни објекти досега немаа ваква обврска. Дел од нив за Супер радио и OhridPress сметаат дека овој простор треба да биде слободен, да може да се врши утовар и истовар, дел пак се подготвени да платат надомест за паркирање, но сите се согласни дека претходно мора да се обезбедат соодветни услови, пристаништето да се ископа, да има чуварска служба, а треба да се размислува и за проширување на пристаништето.
– Нема услови за сидрење таму, за да паркираш треба да имаш слободно место, овде за што да плаќаме. Тоа е писта, не е сидриште ние сме приморани тука да ги оставаме бродовите. Пристаништето треба да е секогаш слободно за утовар и истовар, треба да е исчстено ископано, да се знае кој кое паркинг место си го има, да биде сигурно, безбедно. Досега ваква обврска немавме, логика нема во работава, за нешто да побараш треба и да дадеш. Убава работа е ова што се предлага, но не може само да се земаат пари, треба прво да има услови.
– За вакво нешто стана збор уште минатата година, но сé уште беше актуелна состојбата со ковид. Ако овозможат услови го поддржуваме, ама пак ќе речам да се создадат услови. Треба да се ангажираат чувари, да биде безбедно, да се осветли, да се донесе струја, тоа се работи што ние и да сакаме немаме право да ги направиме. Друга работа, пристаништето не е копано и ние имаме големи проблеми со тоа, а дали ќе се ископа е прашање на време. На знам како ќе се среди оваа работа, да не излезе само бродарите да платат, а да не се заврши работата. Ние ќе платиме за усидрување и пак ќе биде кој каде ќе се снајде за место. Што ќе правиме запристаништето во Св. Наум, ова не се однесува за таму.
Каков ќе биде исходот останува да видиме. Сопствениците на пловните објекти кои веќе се усидрени или се заинтересирани за усидрување на градското пристаниште, ќе треба најдоцна до 25-ти април да склучат договор со ЈП „Билјанини извори“ за условите и начинот на користење на пристаништето за усидрување. Можност за усидрување, доколку сопствениците склучат договор, ќе имаат само пловните објект регистрирани во Капетанија на пристаништата Охрид. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес