February 15, 2015

Анкара, 15. февруари 2015 (ИНПРЕС) – Авторитарната турска војска, која со децении владееше со земјата, беше заменета од авторитарна исламистичка влада, изјави еден од најпознатите современи турски писатели и добитник на Нобеловата награда за литература Орхан Памук во интервју за АФП.

– Владејачката турска Партија на правдата и развојот ја нарушува рамнотежата на моќта во општеството, која всушност е клучот за секоја демократија, вели Памук. Според него во Турција секој ден се кршат основните човекови права, вклучувајќи го и правото на слободно изразување.

Орхан Памук живее во Њујорк и предава на Универзитетот „Колумбија“.

– При мојата последна посета на Турција почувствував страв. Луѓето зборуваат тивко, вели уште Памук.

Тој признава дека со реформите на Владата беше ограничено влијанието на турската армија, но во моментов токму оваа влада од своја страна, преку промените кои ги воведува, ги ограничува човековите права и слободи и независноста на судството во Турција. (Крај)

извор: АФП фото: АП