Атина, 3. јануари 2015 (ИНПРЕС) – Поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу најави создавање на нова политичка партија, како потврда на долгоочекуваната разделба со централно-левичарската ПАСОК, која може да влијае на исходот од парламентарните избори.
Новата партија „Движење за промени“ се очекува да биде слична на онаа на ПАСОК, која е дел од владејачката коалиција, предводена од десничарската „Нова демократија“ на премиерот Андонис Самарас.
– Време е за следниот голем чекор на прогресивните сили во земјата, изјави Папандреу, кој е дел од една од најистакнатите политички династии во Грција. „Време е да градиме заедно нов политички дом кој ќе ги прифати нашите прогресивни вредности, вредностите кои не обединуваат“, додаде тој.
Новата партија на веќе конфузната политичка сцена во Грција доаѓа само три недели пред изборите закажани за 25-ти јануари, свикани откако пратениците не успеаја да изберат претседател минатиот месец.
Резултатот најверојатно ќе биде тесен, откако анкетите покажаа дека левичарската партија СИРИЗА има мала предност. Папандреу, чиј татко Андреас го основа ПАСОК, беше премиер кога започна кризата во еврозоната, но беше соборен од власта во 2011 година поради неуспешните напори за спроведување на национален референдум за меѓународната спасувачка програма за Грција.
ПАСОК го обвини Папандреу за предавство на името на неговиот татко преку „неетичка“ разделба само неколку дена пред изборите, мотивирана од лични амбиции, а не од вистински политички несогласувања. Последните случувања, најсериозно ќе се одразт врз ПАСОК кој може да не го помине прагот од 3%, потребен за влез во парламентот. Нема гаранции дека „Движењето за промени“, исто така ќе помине овој праг. (Крај)
извор: Ројтерс фото: архива