Полначи за електрични возила сега достапни на аеродромите во Охрид и Скопје
December 11, 2024

Скопје/Охрид, 11. декември 2024 (ИНПРЕС) – Патниците, корисниците, гостите и персоналот на Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид од денес ќе имаат на располагање дополнителна услуга и погодност – четири станици за полнење електрични возила.

Оваа нова предност, која дополнително ја збогатува понудата на ТАВ Аеродроми, е овозможена од ЕВН Македонија и е во согласност со стратегиите за одржливост и континуирано подобрување на услугите за клиентите на двете компании.

Новопоставените станици за полнење на електрични возила кои работат на наизменична и еднонасочна струја се стратешки лоцирани на паркинзите на двата аеродрома и можат истовремено да полнат до осум електрични возила – шест на аеродромот во Скопје и две на охридскиот.

Техничките тимови од ТАВ Македонија и ЕВН Македонија соработуваа на овој проект, придонесувајќи кон пошироката мисија за промовирање на еколошката свесност.
Покрај еколошките придобивки, воведувањето станици за полнење електрични возила ја нагласува посветеноста на двете компании кон иновации, задоволството на корисниците и унапредувањето на корпоративната општествена одговорност за да обезбедат одржлива иднина. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива