August 8, 2015

Скопје/Атина, 8. август 2015 (ИНПРЕС) – Општини и други корисници од Македонија, од 2007 до 2013 добиле 25,4 милиони евра од ЕУ-фондовите за прекугранична соработка со општини и други партнери од Албанија, Косово, Бугарија и Грција, реализирани се 199 проекти.

Според Секретаријатот за европски прашања при Владата на Македонија, оваа држава во изминатиот седумгодишен период остварила 85-процентна искористеност од вкупно префрлените 29,88 милиони евра од фондовите на Европската унија наменети за поддршка на прекуграничната соработка на Македонија со Албанија, Грција, Бугарија и Косово.

Со нив во периодот 2007-2013 година заемно биле реализирани вкупно 199 проекти. Орхидеја Каљошевска, државен советник во владиниот Секретаријат за европски прашања, нагласува:

– Програмите за прекугранична соработка навистина придонесуваат за подобрување на општата клима на односите меѓу земјите вклучени во таа соработка, а особено меѓу општините – кориснички на проектите. Очекуваме дека оние проекти што се реализираат и оние кои ќе уследат во наредниот период ќе бидат мост за градење цврсти односи на партнерство и соработка на сите нивоа. Во тек се преговори за развивање таква програма и со Србија, за која веруваме дека во краток период ќе го достигне квалитетот на соработка со останатите земји. (Крај)

извор: Дојче Веле фото: архива