Белград, 18. јуни 2016 (ИНПРЕС) – Претседателот на Кина, Си Шинпинг, ќе биде во тридневна посета на Србија, за време на која ќе разговара со највисоките државни претставници.
Си Шинпинг е првиот претседател на Кина кој доаѓа во Белград по повеќе од 30 години. Тој и српскиот претседател Томислав Николиќ ќе постават камен-темелник за изградба на Кинескиот културен центар во Белград, ќе откријат споменик на кинескиот филозоф Конфучие, како и табли на новоименуваната улица на Конфучие и Плоштадот на пријателството меѓу Србија и Кина.
Двајцата претседатели ќе положат венци на споменикот на загинатите службеници од амбасадата на Кина во бомбардирањето на НАТО во 1999 година, и ќе прошетаат со сопругите на Калемегдан.
Николиќ ќе му врачи на Си Шинпинг Орден на Република Србија на голем ѓердан. По церемонијата, претседателот на Кина ќе се состане со српскиот премиер Александар Вучиќ, како и со претставници на владата на Србија и претседателот на Собранието, Маја Гојковиќ.
Кинескиот претседател изјави спроти посетата дека се радува на доаѓањето во Србија и дека очекува со државниот врв да разговара за соработка во иднина. (Крај)
извор: Утрински фото: Утрински