October 22, 2014

Тирана, 22. октомври 2014 (ИНПРЕС) – Албанија треба да стане членка на ЕУ пред 2020 година, смета поранешниот претседател на Европската комисија и поранешен премиер на Италија, Романо Проди.

Проди изјави дека приемот на Албанија во ЕУ ќе обезбеди економска стабилност и додаде дека никој нема да инвестира во иднина, ако земјата не стане членка на Унијата.

Според Проди, главниот проблем кој Албанија мора да го реши нејзиниот пат кон интеграцијата во ЕУ, е почитувањето на правата на малцинствата.

– Политичката елита треба да ги промени своите погледи и да ги избрише раните од минатото, истакна Проди, говорејќи за инцидентот минатата недела на фудбалската средба меѓу Србија и Албанија во Белград.

Поранешниот италијански премиер смета дека тензии и провокации може да има и во иднина, но тие треба да се чуваат под контрола.

– Процесот на пристапување на Албанија во ЕУ треба да помине без тензии, додаде Проди. (Крај)

извор: АФП фото: АП