Москва, 7. декември 2014 (ИНПРЕС) – Рускиот претседател Владимир Путин имал телефонски разговори со унгарскиот премиер Виктор Орбан и претседателот на Србија Томислав Николиќ, соопштија од прес-службата на Кремљ.
Путин разговарал со двајцата колеги за прашања околу билатералната соработка и изгледите за понатамошна соработка во енергетскиот сектор, особено во поглед на прекинувањето на проектот „Јужен поток“.
На 1 декември, рускиот претседател изјави дека „под сегашните околности Русија нема да го спроведе проектот“. Од своја страна шефот на „Газпром“ Алексеј Милер објасни дека „Јужен поток“ веќе не е важен.
Српскиот премиер Александар Вучиќ неодамна ја нарече одлуката на Русија „лоша вест“. Според него најзасегнати од оваа ситуација се Србија и Унгарија.
– Русија има право да донесе таква одлука и Унгарија го прифаќа тоа, рече од своја страна унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сиарто, истакнувајќи дека неговата земја ќе биде принудена да бара нови извори на гас, како замена за „Јужен поток“. (Крај)
извор: АФП фото: АП