May 19, 2015

Тирана, 19. мај 2015 (ИНПРЕС) – Рама побара лидерите на албанските партии во Македонија да бидат повклучени во решавање на политичката криза, да не дозволат таа да се претвори во меѓуетничка, ни да дојде до дестабилизација на земјата, велат дел од нив.

Изминатата сабота во крајезерскиот град Подградец во Албанија премиерот на оваа земја Еди Рама, придружуван од претседателот на Парламентот Илир Мета и министерот за надворешни работи Дитмир Бушати, имаше средби и разговори со лидерите на безмалку сите албански политички партии во Македонија: со претседателот на ДУИ Али Ахмети, Мендух Тачи од ДПА, со лидерот на „Движењето за реформи во ДПА“ Зијадин Села, со координаторот на „Беса“ Билал Касами, како и со претседателот на „Албанската национална преродба“- Вејсел Мемеди. Оваа средба, свикана на покана од Рама, се случи еден ден пред почетокот на протестите на македонската опозиција во Скопје, како и неколку дена по безбедносните случувања во Куманово.

Во разговор за Дојче веле, лидерите, или други претставници на сите споменати албански партии, делумно кажале за што се разговарало и што било заклучено на таа средба.

Од страна на Рама нема никаква официјална изјава во медиумите во неговата земја, а ниту и поголемите албански партии во Македонија сакаат да кажат било што за тој настан. Електронските медиуми и интернет – порталите на албански јазик во Македонија и Албанија веќе се огласија со свои анализи дека „Средбата на Рама со албанските партии во Македонија, која била фокусирана кон деликатната ситуација по пукањата во Куманово, завршила без конкретен резултат, без заклучок и без политичка порака“, пишува Дојче Веле.

„Балкан веб“ пренесува збирна оценка од написите на албанските медиуми во Македонија дека „регионалниот албански самит во Подградец завршил неуспешно“. Информативната агенција „Журнал“ потсетува дека „Рама, како претседател на Социјалистичката партија, се наоѓа во предизборна кампања спроти локалните избори во Албанија, закажани за 21-ви јуни 2015 година“. Според „Журнал“, „средбата во Подградец, на која Рама изнел заложба за обединување на албанскиот политички фактор во Македонија, била осудена на неуспех, бидејќи немала агенда и цел, ниту содржина“.

Вејсел Мемеди, претседателот на „Албанската национална преродба“ го вели следното во врска со содржината и исходот од средбата во Поградец:

– Средбата со Рама имаше за цел сите албански политички партии да бидат умерени во нивните изјави, за да не придонесуваат кон влошување на ионака веќе влошената ситуација во Македонија, особено по настаните во Куманово. Сите треба да бидеме претпазливи во нашите јавни настапи, за да не придонесеме кон влошување на атмосферата во земјата. Ова е особено важно кога се инсценираат секакви случаи, како што беше досега многупати, за да не бидат обвинети Албанците за, недајбоже, каква било дестабилизација на Македонија. (Крај)

извор: Дојче Веле фото: архива