Мадрид, 1. март 2015 (ИНПРЕС) – Шпанскиот премиер Мариано Рахој го повика грчкиот колега Алексис Ципрас да биде „сериозен“, откако грчкиот премиер ги обвини Шпанија и Португалија дека прават обид да ги попречат преговорите во Брисел.
Рахој реагираше на коментарите на Ципрас од саботата, кога тој рече дека „за време на разговорите за продолжување на програмата за Грција за 4 месеци, некои европски земји се служеле со уцени“, алудирајќи на Шпанија и Португалија.
– Конзервативните сили во Европа се обидоа да ни постават стапици, за да не донесат до финансиско задушување, изјави 40-годишниот грчки премиер.
Говорејќи на средба на неговата конзервативна партија, Рахој го возврати ударот, што е прв отворен судир меѓу Ципрас и друг европски лидер.
– Ние не сме одговорни за чувството на немоќ, кое произлегува од радикалната грчка левичарска партија, која му ветува на грчкиот народ нешта кои знае дека не може да ги исполни, изјави Рахој.
Тој истакна дека Ципрас се обидува да ја фрли вината за проблемите на Грција врз Шпанија и соседна Португалија.
– Побарувачката на надворешен непријател е нешто што сме го виделе многу пати во историјата. Тоа не решава проблеми, туку ги продлабочува, рече шпанскиот премиер. „Единственото решение е да бидете сериозни“, го советува Рахој грчкиот колега. (Крај)
извор: АФП фото: АП