April 1, 2016

Хаг, 1. април 2016 (ИНПРЕС) – Ослободувачката пресуда против Војислав Шешељ на некој начин беше очекувана, вели политичкиот аналитичар Душан Рељиќ.

Тој за Дојче веле проценува кому тоа му оди во корист.

– Во Хашкиот суд за воени злосторства извршени во бивша Југославија многу нешта тргнаа наопаку, бе само во овој процес. Неколкумина генерали од Хрватска и Србија првично беа осудени на по 30 години затвор, а потоа ослободени во второстепената постапка. Тоа значи дека овој суд не следеше јасна линија и често пресудите беа донесувани во согласност со мислењето на одделни судии, а не според јасна правно-втемелена линија. Многумина критичари од самиот почеток беа убедени дека во случајот Војислав Шешељ станува збор за погрешно обвинение. Секој кој во тоа време живееше во Југославија и кој сакаше да чуе и да види, во Шешељ ја гледаше всушност реалноста: дека е тој обичен политички кловн кој со своите силни силни изјави ја труеше политичката атмосфера и кон своите политички противници се однесуваше со неповторлива бруталност. Но, самата помисла дека овој политички циркузант имал одлучувачки збор во текот на воените случувања, е погрешна. Недвосмилено беше уште тогаш дека е тој само марионета во рацете на властодржците, во конкретниот случај – во рацете на Слободан Милошевиќ, вели Рељиќ.

На прашањето колкава е поддршката што Шешељ ја има во српската јавност како човек од минатото, Рељиќ објаснува дека сите истражувања на неговата партија и‘ предвидуваат околу пет проценти, што би можело да биде доволно за влез во парламентот.

– Тој би можел да биде засилен по пресудата и веројатно нема да добие пет, туку можеби шест или седум проценти. Ако малку се размисли кому тоа всушност ќе му користи, тогаш тоа е веројатно српскиот премиер Александар Вучиќ, кој пред 20 години беше близок соработник на Шешељ, такаречи, негов политички син. Тој ќе извлече корист. Со еден опасен десничар во парламентот, кој ќе излегува со глупави изјави, Вучиќ може да се прикаже како заштитник на демократијата и на европските вредности. Така на своите квази-политички партнери во Западна Европа ќе им стане поважен отколку досега. Значи, за политичкиот естаблишмент во Белград пресудата во овој смисол ќе има повеќе корист отколку штета, додава Рељиќ. (Крај)

извор: Дојче Веле фото: архива