Охрид, 26. јануари 2026 (ИНПРЕС) – Младата средношколка Софија Стојанова од Струмица е добитничка на наградата за најдобра беседа за 2026 година на Конкурсот што го објави НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид, годинава на тема: „По песната птиците се разликуваат“
Таа е ученичка во втора година во гимназијата „Јане Сандански“ во Струмица.
– Добивањето на наградата на конкурсот распишан од Библиотеката во Охрид за мене претставува исклучително значајно признание и длабока лична радост. Овој успех не го доживувам само како потврда за мојот труд, туку и како охрабрување да продолжам уште посветено да се надградувам и да го следам патот на знаењето. Ова признание претставува поттик да бидам уште поодговорна кон сопствените цели и уште похрабра во остварувањето на своите соништа, вели Стојанова.
Дека Софија е млад веќе изграден автор сведочат и наградите што само во изминатите две години ги освоила на полето на литературата:
2025 – Диплома за прво место на литературниот конкурс ,,Со својот живот Ацо Шопов опеал дело, а во своите дела, го опеал животот”- Оштина Штип
2025 – Прва награда на литературниот конкурс „Топли гнезда”- Општина Струмица
2025 – Диплома за прво место на конкурсот „Дигитални човекови права и приватност во ерата на технологијата”- Општина Струмица
2025 – Прва награда на литературниот конкурс „Моето посебно другарче”- Општина Струмица
2024 – Диплома за прво место на конкурсот „Тишината понекогаш зборува најгласно и најдобро за делата и поетот Ацо Шопов”- Општина Штип
Наградата за најдобра беседа од 9.000 денари и признание со ликот на Прличев на младата Стојанова ќе ѝ биде доделена на 6-ти февруари, во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“ во Охрид. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
