April 9, 2016

Белград/Загреб, 9. април 2016 (ИНПРЕС) – Српската влада изрази запрепастување од одлуката на Хрватска да не го поддржи европскиот пат на Србија откако Загреб не даде согласност за отворање на 23-то поглавје во пристапните преговори со Европската унија, а премиерот Александар Вучиќ порача дека Белград нема да ги исполни условите коишто ги бара Хрватска.

– Владата на Република Србија е запрепастена од одлуката на Хрватска да не го поддржи европскиот пат на Србија. За таквата одлука Република Хрватска немаше ниедна единствена добра причина. Србија го прими на знаење ставот на Република Хрватска, и Србија нема да дозволи кој и да е во Европа и во светот, па ниту Република Хрватска, на кој и да е начин да ја уценува, понижува и омаловажува, се наведува во соопштението на српската влада.

Во соопштението се истакнува и пораката на српскиот премиер Александар Вучиќ дека „Србија е земја на слободарски народ и дека никогаш нема никому да биде вреќа за удирање“.

Претходно во петокот Вучиќ во Нови Сад, на предизборен собир на неговата Српска народна партија (СНС), чиј челник е, изјави дека Србија никого нема да моли, ниту ќе ги менува своите закони само затоа што тоа го бара Хрватска. (Крај)

извор: Утрински фото: архива