January 22, 2015

Скопје, 22. јануари 2015 (ИНПРЕС) – Старите проблеми треба да се остават на страна и да се мисли на иднината, рече заменик претседателот на косовската влада и министер за надворешни работи Хашим Тачи кој е во официјална посета на Македонија.

– Даваме исто така поддршка за изнаоѓање на решение околу спорот меѓу Македонија и Грција. Како модел за постигнување на договор може да послужат и напорите кои ги прават Приштина и Белград. За постигнување на таков договор треба едноставно старите спорови да се остават во минатото и да се гледа кон заедничката иднина, рече Тачи.

Запрашан за тоа дали косовските власти имаат сознание за италијанска група која врбува Албанци за боиштата во Сирија, Тачи рече дека Косово претставува добар пример за делување против овие групи.

– Се разбира не можеме да останеме имуни на ваквите настани и на ваквиот опасен феномен, како и да е имаме воспоставено добра регионална соработка во насока на сузбивање на ова и ќе продолжиме со тие напори.
На средбата се разговарало и за поблиска соработка во делот на инфраструктурата. Тачи напомена дека од косовска страна веќе се работи на автопатот Приштина -Скопје, инвестиција вредна околу 600 милиони евра, а тој очекува и македонската страна наскоро да почне да работи на делницата. (Крај)

извор: МИА/Р.С.Европа фото: архива